Македонското истражувачко друштво е невладина и непрофитна организација која ги обединува граѓаните кои имаат интерес за примена и афирмација на принципите за оддржлив општествен развој, како и заштитата на природната средина и културното наследство.

Поставените цели Друштвото ги остварува преку спроведување на истражувања во областа на природните, техничките и општествените науки, а со цел да се воочат, евидентираат, анализираат и разрешат проблемите на граѓаните и на пошироката заедница во процесите на изградба на едно модерно цивилно општество.

Основната дејност на МИД е насочена кон градењето на современо цивилно општество преку спроведубањето на истражувања од сите сфери на науката, а особено во проучувањето и разрешувањето на интердисциплинарните и мултидисциплинарните проблеми.

МИД – Македонското истражувачко друштво е регистрирано според Законот за здруженија на граѓани и фондации на Република Македонија. Основачкото собрание е одржано во 2003 година. Според статутот, МИД своите активности ги спроведува преку проекти за чие исполнување се одговорни Раководителите на проектите. Во рамките на проектот, раководителот по потреба формира тим од од активисти, кои може но и не мора да бидат членови на МИД.

Етноастрономија

Етноастрономија e проект во чии рамки се истражуваат народните верувања поврзани со настанокот на светот, небесните тела и небото воопшто, како и нивно презентирање во јавноста. Етноастрономијата е млада научна дисциплина на која многу малку се работи насекаде во светот.Работите се променија на подобро откако Обединетите Нации во 2004 година го прогласија небото како светско наследство. Во тие рамки, а подразбирајќи ги верувањата поврзани со небото како наше културно наследство кое трба да се спаси од заборав, членовите на нашето Друштво во минатото преку разни форми на организирање, а сега организирани во МИД-Македонско истражувачко друштво, во континуитет работат на собирање на овие информации и нивна презентација пред стручната и широката јавност  кај нас  и во светот.

Започнувајќи од 1982 година на територијата на Република Македонија се спроведува систематско собирање на народните претстави за небото и за небесните тела, Земјата, времето и за климатските промени. Со еден збор, се изведуваат етноастрономски и етнометеоролошки истражувања кај македонскиот народ. На оваа тема, во 2004 година е издадена, засега, единствената книга од оваа област „Небото над Македонија“ од авторот Ѓоре Ценев. Ако се тргне од фактот дека космогониските митови и обреди кај македонскиот народ за првпат се забележани во писмена форма и дека досега тие биле пренесувани од колено на колено по усмен пат, тогаш зачудува како тие опстанале толку долго. Митовите за создавањето на светот, за Земјата како Божица Мајка, Богот Сонце и сончевата планина, Месечината која слегува на Земјата и се претвора во крава, претставата на месеците како божества, оригиналната поделба на небото во соѕвездија итн., немаат ништо заедничко со постоечката христијанска религија на населението.

Самиот факт што тие опстанале кај народот и покрај разните освојувачи, на пример старите Римјани и Турци кои со стотици години владееле на овие простори, или покрај влијанието на разните религии како што се римската, исламската и христијанската, зборува за виталноста и за длабоката вреженост во колективната свест на народот.

Изворните информации во оваа книга, како и во сите останати извори, можат да послужат за натамошна антрополошка анализа, како на македонскиот народ така и за изработка на компаративни анализи со другите народи во светот.

Археоастрономија

Во рамките на проектот Археоастрономија се работи на истражување на мегалитската опсерваторија Кокино, но и на откривање на други археолошки локалитети кои располагаат со астрономски содржини. Во таа насока, во соработка со Планетариумаот при Младинскиот културен центар од Скопје, МИД формира екипи за логистичка подршка на истажувањата и популаризацијата на старата опсерваторија Кокино. Овие ангажирања беа крунисани со објавувањето на Кокино на листата на стари сончеви опсераватории од НАСА на престижното четврто место.

мегалитска опсерваторија кокино

Како резултат на овие активности во 2005 година, МИД, во соработка со ДИ “Тумба”- Куманово и ИПК- Куманово и Министерството за култура, го издаде првиот каталог за Кокино, како и флаери и разгледници од овој локалитет. Кон крајот на 2005 годината, во соработка со Министерството за култура и неделникот Теа модерна, излегоа од печат два ѕидни календари и помошен канцелариски материјал илустрирани со мотиви од оваа древна опсерваторија.
Во соработка со Министерството за култура на РМ исто така се издадоа на поштенски картички со фотографии од Кокино. Во соработка со Бирото за филателија при Македонски Пошти се издадоа првите поштенски марки со мотиви од Кокино. Едната поштенска марка го представува моментот на изгрејсонце во ритуалниот маркер набљудуван од главната ритуална позиција на камените тронови, додека на втората е прикажан калап за лиење на бронзен амулет пронајден на локалитетот Кокино.

Со Здружението на туристички водичи на РМ и Здружението на туристички водичи од Охрид беа спроведени обука на туристички водичи за презентирање на мегалитската опсерваторија Кокино. Во двете сесии присуствуваа 35 посетители лиценцирани туристички водичи.
Во договор со Представништвото на Тојота во РМ се спроведоа теренски снимања за изработка на промотивен фото материал со мотиви од Кокино.

Во 2006 година Амбасадата на Соединетите Американски Држави во РМ додели грант за изработка на WEB срана за мегалитската опсерваторија Кокино. Во текот на 2007 година МИД во договор со Планетариумот при МКЦ во Скопје пружи логистичка подршка при геодетските мерења потребни за изработката на тродимензионалната мапа на локалитетот Кокино. Истата година МИД во соработка со Воздухопловниот винг на Армијата на Република Македонија во два наврати изврши воздушни снимања на Кокино. Во 2008 и 2009 година со Планетариумот при МКЦ во Скопје се спроведоа истражувања и археоастрономска анализа на повеќе локации во североисточна Македонија.

Македонските соѕвездија на Stellarium

МИД – Македонското истражувачко друштво со подршка на Министерството за култура при Владата на РМ изработи надоградба за слободниот софтвер Stellarium. Од сега ќе можете да се запознаете со македонските соѕвездија и нивната позиција на небото со помош на овој програм. Надоградбата е испратена до авторите на софтверот за да го надоградат во нивното наредно издание, а до тогаш Вие самите ќе можете да го инсталирате и многу едноставно да ја надоградите својата инсталација.

  1. Одете на веб страната stellarium.org и превземете ја најновата верзија на Stellarium за Вашиот оперативен систем.
  2. Инсталирајте го Stellarium на Вашиот компјутер. Софтверот е слободен и бесплатен за користење.
  3. Превземете го ОВДЕ пакетот со македонските соѕвездија и отпакувајте го.
  4. Папката “macedonian” од овој пакет копирајте ја и вметнете ја во програмата Stellarium, во папката SkyCultures. Оваа папка можете да ја најдете:
    • За Windows : Одете во Program Files >> Stellarium >> SkyCultures
    • За Linux : usr>>share>>stellarium>>skycultures
    Треба да имате административни права за да го направите овој чекор. Потоа само стартувајте го програмот и во Sky and View options изберете Starlore. Таму ќе ви се понуди опцијата да ги изберете македонските соѕвездија. Долу десно треба да ви бидат активирани полињата Constellation Lines, Labeles и Art.

Вселена

Насловна страна на списанието Вселена

Списанието „Вселена“ е единствено списание за популаризација на астрономијата кое излегува на македонски јазик. Основната цел е да се пополни празнината која постои во нашиот образовен систем со неизучувањето на оваа природна наука во основното и средното образование.  Како последица е широко присутна неупатеноста и неразбирањето на современите достигнувања на полето на астрономските истражувања, кои на светско ниво се сметаат за движечка сила на целокупниот цивилизациски развој. За да до некаде го ублажиме овој интелектуален јаз кои не дели од развиениот свет, МИД  до сега издаде 20 броја на списанието “Вселена”, каде што во редовни рубрики на популарен начин  се објаснуваат како основните поими, така и најновите сознанија од оваа интересна природна наука.

УВ-зрачење

Глобална заштита на земјата

МИД го води еколошкиот проект наречен УВ зрачење, каде преку соработка со Канцеларијата за заштита на озонската обвивка при Министерстото за животна средина и просторно планирање, се работи на популаризатија на проблемот со зголеменото ултравиолетово зрачење, како и препораки за соодветно однесување во периодите кога индексот на ова зрачење е највисок. Во нашата земја не постои институција која посебно се занимава со овој проблем. За да до некаде се ублажи оваа информативна празнина, МИД во соработка со Канцеларијата за заштита на озонската обвивка ги издаде брошурите “ УВ зрачење – опасности и превентива” и “ Глобална заштита на Земјата”.

Контакт

First Name
Last Name
Email
Message
The form has been submitted successfully!
There has been some error while submitting the form. Please verify all form fields again.